Линкови за пристапност

Силен земјотрес повторно го погоди Хаити


Силен земјотрес уште еднаш го погоди Хаити и предизвика паника и тресење на згради, осум дена откако земјотрес од 7 степени направи пустош во земјата.

Последниот земјотрес е со јачина од 6,1 степени со епицентар на 59 километри од уништениот Порт-о-Принс. Нема извештаи за штети или повредени од денешниот земјотрес кој дојде во време кога се во тек меѓународни хуманитарни напори за помош на настраданите.

Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс најави дека САД ќе испратат повеќе бродови во Хаити да помогнат со обновата од земјотресот, вклучувајќи и брод кој треба да го исчисти сметот што го блокира главното пристаниште во градот и ги попречува големите бродови да достават храна и други витални намирници.

Вчера американски хеликоптери слетаа во дворот на разурнатата претседателска палата да распоредат војници и хуманитарна помош за Порт-о-Принс.

Во текот на денот, американски болнички брод со илјада кревети се очекува да пристигне во Хаити. Две повредени момчиња во критична состојба беа префрлени на бродот за итни операции.

Во Њујорк, Советот за безбедност на ОН едногласно изгласа испраќање на дополнителни 3.500 војници и полицајци во Хаити за поддршка на хуманитарните напори.

Директорот на мировните операции на ОН Ален Ле Рој рече дека дополнителните сили ќе ги заштитуваат хуманитарните конвои.

XS
SM
MD
LG