Американската армија го зголемува присуството во Хаити една недела по кататсрофалниот земјотрес. ОН истовремено решија да испратат повеќе војници кои ќе помогнат во одржување на безбедноста и во поддршка на хуманитарните напори.
Американски сили со помош на хеликоптер слетаа во дворот на срушената претседателска палата за да достават помош за луѓето во главниот град Порт-о-Пренс. Од нив, група војници беше испратена да се грижи за безбедноста во главната болница што е преплавена со голем број на повредени.
Советот за безбедност на ОН во вторникот едногласно изгласа испраќање на дополнителни 3.500 војници и полицајци во Хаити за поддршка на хуманитарните напори.
Директорот на мировните операции на ОН Ален Лерој рече дека дополнителните сили ќе ги заштитуваат хуманитарните конвои.
Американската армија започна од воздух да доставува очајно потребна храна и вода за преживеаните од минатонеделниот силен земјотрес во Хаити, во обид да ја надмине преоптовареноста на аеродромот во Порт-о-Пренс и други пречки на патот на помошта.
Властите проценуваат дека најверојатно загинале 200.000 лица, а вкупно околу три милиони – или приближно една третина од населението на Хаити – се погодени.