Линкови за пристапност

Американската армија ја зголемува бројноста во Хаити


Советот за безбедност на ОН во вторник треба да гласа за испраќање на дополнителни 3.500 војници и полицајци за зајакнување на мировните напори во Хаити откако силен земјотрес минатата недела ја опустоши земјата, а во неа пристига се` поголема помош.

Приближно 2.200 американски маринци пристигнаа во Хаити со бродот Ју-Ес-Ес Батаан. Според генерал-мајорот Корнел Вилсон, со нив бројот на американски војници во земјата нараснал на преку 7.000. Вилсон вели дека силите, чија база ќе биде на море во непосредна близина на брегот, ќе вршат различни операции онаму каде е тежок пристапот до копно и дека ќе останат онолку долго колку што е потребно. Главна мисија на војницит е да обезбедат вода, храна и лекарска нега на погодените од земјотресот, но тие се подготвени и да помогнат и во евакуација и други операции, кажа американскиот генерал.

Американски армиски команданти наведуваат дека во наредните недели во погоденото подрачје ќе се најдат 10.000 војници.

Напорите за помош наидоа на тешкотии од различни причини, како блокади на патиштата, бирократска конфузија и колапс на локалната власт. Додека хуманитарните работници се трудат да одговорат на потребите на погодените, некои Хаиќани го напуштаат најтешко погодениот главен град Порт-о-Пренс и заминуваат во провинцијата.

Американскиот генерал-полковник Кен Кин, кој раководи со армиските хуманитарни операции во Хаити, кажа дека логистички пречки се отстрануваат.
Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс изјави дека американските сили во Хаити ќе ја поддржат тамошната влада како и мировната мисија на ОН, но нема да преземат зголемена обврска на патролирање. Гејтс кажа дека американските војници имаат одобрување да употребат сила за самоодбрана или одбрана на други, доколку тоа е неопходно.

Светските лидери ветија масовна помош за обнова на Хаити по земјотресот од 7 степени минатиот вторник. Властите проценуваат дека најверојатно загинале 200.000 лица, а вкупно околу три милиони – или приближно една третина наеселението на Хаити – се погодени.

Преживеаните ја минуваат ноќта во привремени кампови на улиците исполнети со урнатини и тела на загинати во фаза на распаѓање. Расте загриженоста за безбедноста откако стотици лица упаднаа во продавници и зедоа се` што можеа да најдат, а потоа почнаа да грабаат едни од други.

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон, кој е специјален пратеник на ОН за Хаити, во понеделникот го посети Порт-о-Пренс, каде беше информиран за хуманитарните напори и се сретна со претседателот Рене Превал. Клинтон лично достави помош во вода, храна, медицински материјал и портабл-радија и генератори.

XS
SM
MD
LG