Линкови за пристапност

Во Хаити пристига помош по земјотресот, но расте и фрустрацијата меѓу населението


Хуманитарни работници во Хаити јавуваат дека помошта започнала да ја менува ситуацијата, но во главниот град Порт-о-Пренс расте фрустрацијата, каде жителите велат дека има недостиг на храна, вода и владина контрола.

Според официјални лица, ширум градот никнуваат теренски болници и се доставува помош, додека истовремено расте бројот на летови на аердромот. И покрај тоа, претставници на организацијата Лекари без граници во Хаити се жалат дека два нивни авиони со медицински екипи и материјал биле пренасочени кон соседната Доминиканска Република, што ги забавило да извршат ампутации и други оперативни зафати.

Светската програма за храна планира да дистрибуира оброци за 95.000 во главниот град. Но, Хаиќаните, кои минаа денови без храна, велат дека тоа ни од далеку не е доволно.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун побара Советот за безбедност на ОН да испрати дополнителни 3.500 војници и полицајци во Хаити.

САД се на чело на хуманитарните операции во Хаити, преземајќи контрола врз аеродромот и распоредувајќи илјадници војници кои се грижат за безбедноста на хуманитарните работници.

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон понеделникот замина за Хаити за да достави помош и да се сретне со претседателот Рене Превал.

Има извештаи за појава на насилство во време кога граѓаните во Порт-о-пренс стануваат се` поочајни за храна. Лорис де Филипи од Лекари без граници вели дека неговата екипа укажала помош на лица со прострелни рани. Во тек е истрага за инцидентите.

Десетици илјади тела се погребани во масовни гробници.
Според официјални лица, загинале приближно 200.000.

XS
SM
MD
LG