Линкови за пристапност

Нацрт план за креирање 20 милиони работни места во САД


И покрај знаците дека економијата се подобрува, нема намалување на невработеноста. Таа останува 10 проценти, откако минатиот месец беа изгубени уште 85 илјади работни места.

Претседателот на Стопанската комира на САД Томас Данахју, вели дека причината е очигледна – неизвесноста предизвикува големите и малите бизниси два пати да размислат пред да примат нови работници.

„Да сте во нивна кожа, дали би скокнале веднаш во нови инвестиции и вработувања? Или, ќе почекате да видите работите прво да се стабилизираат?", вели Данахју.

На годишното обраќање за состојбата во која се наоѓа бизнисот, Данахју изнесе, како што рече, „остварлив план" за креирање 20 милиони работни места за 10 години. Планот од пет точки вклучува проширување на американскиот извоз во светот, повторна изградба на инфраструктурата на државата и одржување на даноците на сегашно ниво.

Данахју вели дека нови даноци натамошно би го забавиле економскиот растеж, или полошо, би донеле нов период на опаѓање: „Конгресот, администрацијата и државите мора да признаат дека слабата економија не може да издржи нови даноци, регулатива и мандати што сега се разгледуваат. Тоа е рецепт за рецесија што два пати го допира дното, или полошо. "

Данахју беше особено критичен спрема предлогот на Белата куќа да се оданочуваат банкарските трансакции со цел да се приберат дел од парите употребени за спасување на банкита. Данахју смета дека ова е лоша идеја зашто трошоците едноставно се префрлаат на конзументите.

Обраќањето на Данахју доаѓа во време кога претседателот Обама се подготвува за своето годишно обраќање и кога Конгресот расправа за дополнителни стимулативни мерки за креирање нови работни места.

XS
SM
MD
LG