Линкови за пристапност

Македонскиот Црвен крст собира помош за настраданите од Хаити  


Со апел за помош за настраданите на Хаити преку Црвениот крст, од денеска Македонија влегува на листата на земји кои се ставија на располагање за ублажување на последиците од катастрофалниот земјотрес на оваа карипска земја.

Преку жиро сметките на Фондот на солидарноста, но и преку телефонски линии на сите мобилни оператори, граѓаните и компаниите ќе можат донираат финансиски средства. Од Црвениот крст велат дека се` уште е рано да се зборува за евентуални волонтерски тимови кои би заминале во погоденото подрачје, но не исклучуваат можноста тоа да биде следниот чекор.

Од македонската Влада најавуваат дека следната недела и државата ќе ја покаже својата солидарност со жителите на Хаити. Ќе се одлучува колкава и каква ќе биде помошта што ќе биде испратена.

„Македонија секогаш е солидарна и помага во вакви трагедии. Таков е случајот и со Албанија, која беше погодена од поплавите, каде се` уште се наоѓаат екипи на Дирекцијата за спасување. На следната седница на дневен ред е и помошта за Хаити", велат од Владата.

Досега само градот Скопје - што пред повеќе од 40 години преживеа слична трагедија, а потоа со солидарноста на целиот свет повторно беше подигнат од темел - излезе со конкретна помош - симболични еден и пол милион денари или 25 илјади евра што веднаш ќе бидат испратени. Градоначалникот Коце Трајановски вели дека Скопје, како „град на солидарноста", знае што значи ваква катастрофа и меѓу првите одвојува средства од својот буџет, со што сака да искаже сочувство за настраданите и солидарност за преживеаните.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов испрати телеграма со сочувство до неговиот колега Рене Гарсија Превал.

„Жалам за изгубените животи, за големите и ненадоместливи штети предизвикани од оваа природна катастрофа и во свое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија упатувам изрази на најдлабоко сочувство", наведува Иванов во телеграмата, истакнувајќи уверување дека меѓународната солидарност и хуманост ќе помогнат да се ублажат последиците од трагедијата.

XS
SM
MD
LG