Линкови за пристапност

Бил Клинтон: Хаити - итна хуманитарна ситуација за регионот


Поранешниот американски претседател и специјален пратеник на ОН за Хаити Бил Клинтон вели дека земјотресот што ја погоди карипската држава е една од најитните хуманитарни ситуации во историјата на американскиот континент.

Во коментар во денешен Вашингтон Пост, Клинтон наведува дека Хаити има итна потреба од храна, вода, засолништа и основни медицински намирници. Тој додава дека по овој прв бран на итна помош, останува да се заврши голема работа за опоравок и обнова на земјата. Клинтон подвлекува дека не смеат да се запостават плановите за долгорочен развој што ги подготвија владата на Хаити и меѓународните агенции.

Американскиот претседател Барак Обама вети целосна поддршка за Хаити во спасувачките напори и доставата на хуманитарна помош. Во средата, тој испрати спасувачки екипи во Хаити.

Државната секретарка Хилари Клинтон и секретарот за одбрана Робер Гејтс ги откажаа патувањата по азиско-пацифичкиот регион за да помогнат во координацијата на помошта. Хилари Клинтон ја опиша ситуацијата во Хаити како „катастрофална“.

Во интервју за Гласот на Америка, амбасадорот на Хаити во САД Рејмонд Џозеф предупреди дека неговата земја се соочува со голема катастрофа. Тој кажа дека досегашната помош изнесувала 300 милиони долари и дека неговата земја најверојатно ќе има потреба од дополнителни 1 милијарда долари, а можеби и повеќе.

XS
SM
MD
LG