Линкови за пристапност

Хаити чека итна хуманитарна помош


Трауматизираните Хаиќани и минатата ноќ ја минаа на улиците на главниот град Порт-о-Пренс, стравувајќи од нови потреси по силниот земјотрес од 7 степени што вторникот попладне ја погоди земјата, затрупувајќи голем број лица.

Се стравува дека има илјадници загинати, а голем број се заглавени во урнатините.

Сведоци велат дека преживеани пееле молитвени песни во раните утрински часови, додека чекале на хуманитарна помош од меѓународните организации и влади ширум светот.

Карго–авиони почнаа да слетуваат на аеродромот во главниот град со спасувачки екипи и намирници од САД, Бразил, Исланд и други земји.

Болниците во Хаити се преполни и недостасува медицински материјал за помош на повредените. Улиците се претворени во отворени гробници, со мртви тела покриени со чаршафи.

Претседателската палата, заедно со главната болница во Порт-о-Пренс, затворот и седиштето на мисијата на ОН во Хаити се меѓу илјадниците урнати објекти. За точниот број на загинати ќе бидат потребни недели.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун потврди дека загинале 16 вработени во мисијата во Хаити, но не се знае судбината на уште 150 кои работеле за Светската организација.

XS
SM
MD
LG