Американскиот претседател Барак Обама се заложи за „брз, координиран и агресивен напор“ за помош на Хаити, откако силен земјотрес уништи голем дел од главниот град Порт-о-Принс и остави милиони лица без покрив над глава и во ситуација на итна потреба од помош.
Претседателот Обама рече дека спасувачки тимови се на пат за Хаити и оти карипската држава ја има целосната поддршка од САД во спасување животи и доставување хуманитарни намирници.
Првиот човек на американската агенција за меѓународна обнова и развој – УСАИД, доктор Раџив Шах, рече дека американските напори првично ќе бидат фокусирани на спасување човечки животи.
Командантот на јужната воена команда, генералот Даглас Фрејзер, рече дека САД разгледуваат можност за испраќање војници за поддршка на мисијата на ОН во Хаити. Тој рече дека американски носач на авиони со хеликоптери е веќе на пат за карипската земја и треба да пристигне в четврток.
Федералните власти работат на лоцирање на персоналот од американската амбасада во Порт-о-Принс, но и други американски граѓани во Хаити.
Американците кои се обидуваат да стапат во контакт со нивните роднини, може да се јават во Стејт департментот каде е воспоставена специјална линија за оваа потреба ( 1-888-407-47-47).