САД и ОН ветија помош за Хаити по силниот земјотрес што вторникот го погоди главниот град Порт-о-Пренс.
Американскиот претседател Барак Обама навести „брз, координиран и агресивен напор“ за помош на Хаити. Американските екипи за вонредни ситуации се на пат за Хаити, рече Обама, додавајќи дека извештаите и сликите од земјотресот “го стегаат срцето“. Државната секретарка Хилари Клинтон, која е во посета во Хаваи, најави дека САД ќе обезбедат цивилна и армиска поддршка за отстранување на последиците од земјотресот, како и хуманитарна помош. Американската агенција за меѓународен развој работи на испраќање на спасувачки тим и 50-тина тони спасувачка опрема.
ОН итно ќе одделат 10 милиони долари помош за спасувачките напори. Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун упати апел до сите земји-членки дека „ќе биде потребна голема помош“. Светската програма за храна по воздушен пат пренесува храна од локацијата за вонредни ситуации во Ел Салвадор и најави дека ќе обезбеди над половина милион оброци.
Европската унија вети 4,3 милиони за сиромашната карипска земја. Се очекува на Хаитите наскоро да пристигнат спасувачки екипи од Франција, Британија и Италија.
Поранешниот претседател на Хаити Жан Бертран Аристид, кој живее во егзил во Јужна Африка, коментираше дека е со народот на земјата, дека трагедијата е неопислива и дека повикува на највисоко ниво на солидарност и сочувствителност на сите луѓе.