Интернет-компанијата Гугл со седиште во САД најави дека повеќе нема да ги цензурира пребарувачките резултати за кинеските корисници, а можеби и ќе ги запре своите операции во Кина откако открила напад врз нејзини електронски адреси на кинески активисти за човекови права.
Шефот на правното одделение на Гугл Дејвид Друмонд соопшти дека компанијата открила “исклучиво софистициран и целен напад“ врз нејзината инфраструктура што започнал од Кина. Главната цел на нападот, според Друмонд, била упад во Гугл-електронски адреси на кинески активисти за човекови права. Тој рече дека хакерите успеале да влезат само во две.
Портпарол на кинеската Информативна канцеларија на државниот совет за државната агенција Ксинхуа изјави дека властите бараат повеќе информации за ставот на Гугл.
Хјиуман рајтс воч го пофали Гугл за отвореното спротиставување на кинеските власти. Гугл претходно се придржуваше до кинеските закони што налагаат политички и општествено чувствителните прашања да бидат блокирани во пребарувачките резултати за корисниците во земјата. Во замена за тоа, властите на Гугл му дозволија пристап на светски најбројниот пазар на Интернет-корисници.