Линкови за пристапност

Силен земјотрес го опустоши Хаити


Земјотрес од 7 степени вторникот попладне го погоди Хаити, затрупувајќи голем број лица во урнатините. Сведоци велат дека по улиците на главниот град Порт-о-Принс жителите редат тела на загинати додека трагаат по преживеани. Се стравува дека има илјадници загинати.

Ова е најсилен земјотрес што ја погодил сиромашната карипска земја во последните 200 години. Потресот испратил облаци чад од срушените објекти. Епицентарот бил на 16-тина километри од Порт-о-Принс, со длабочина од 10 километри.

Урнати се згради ширум градот, меѓу нив и претседателската палата и штабот на мировната мисија на ОН во Хаити.

Голем број лица се исчезнати, меѓу нив и членови на мисијата на ОН. Францускиот министер за надворешни работи Бернар Кушнер за француското радио изјави дека верува дека загинал раководителот на мисијата во земјата, Хеди Анаби. Бразилски армиски претставник потврди дека загинале четири бразилски војници кои учествувале во мисијата.

Патиштата се блокирани а комуникациите и електричната енергија во Порт-о-Пренс се во прекин, што отежнува да се добијат точни податоци за бројот на загинати и штетата. Некои жители преку Интернет-мрежите за дружење Твитер и Фејсбук испраќаат фотографии за последиците на земјотресот до медиумите.

Хуманитарните агенци реагираа на несреќата и во земјата пристига меѓународна помош. Црвениот крст во Женева проценува дека се погодени 3 милиони луѓе и дека се итно потребни доброволци за спасувачки екипи, теренски болници, екипи на брза помош, за пречистување на водата и телекомуникации. Организацијата веќе има доброволци кои пред земјотресот работеле во земјата и очекува во среда да пристигне уште една нејзина екипа.

Земјотресот бил почувствуван и во соседна Доминиканска Република, каде некои жители, исплашени, ги напуштиле домовите.

Амбасадорот на Хаити во САД Рејмонд Џозеф за Си-Ен-Ен кажа дека земјата бара американска помош по земјотресот што го нарече катастрофа од голем размер.

Интерамериканската развојна банка најави дека итно ќе одобри 200.000 долари помош за Хаити. Средствата ќе се користат за набавка на храна, вода, лекови и засолниште на погодените.

Американската агенција за меѓународен развој ќе испрати екипа за реакција во вонредни ситуации во Хаити а понуди и дополнителна поддршка доколку е потребно.

Хаити е најсиромашната земја во западната хемисфера. Последните развојни иницијативи наидоа на проблеми поради политичкото насилство, безаконието, корупцијата и природните катастрофи во оваа островска држава. Седумдесет проценти од населението живее со помалку од 2 долари на ден.

XS
SM
MD
LG