Линкови за пристапност

Хари Рид нема намера да се повлече поради расниот коментар


Водачот на демократското мнозинство во Сенатот Хари Рид нема да се повлече од функцијата поради расен коментар за претседателот Барак Обама, и покрај барањата на републиканците. Тој во неделата изјави дека не само што нема намера да стори такво нешто, туку планира и да се кандидира за реизбор наредниот ноември.

Изјавата уследи кусо време откако претседавачот на Републиканскиот национален комитет Мајкл Стил го повика Рид да даде оставка. Стил рече дека коментарот на Рид е „во расчекор“ со американскиот став за расизмот.

Контроверзата се однесува на книга за претседателските избори 2008-ма што наскоро треба да излезе од печат. Во неа авторите пренесуваат изјава на Рид дека тогашниот претседателски кандидат Барак Обама би требало да биде избран за претседател бидејќи е афро-Американец „со светла боја на кожата“ и „без црнечки дијалект, освен доколку не сака да има таков“. Рид во саботата изјави дека жали за коментарот. Претседателот Обама подоцна реагираше со своја изјава дека го прифаќа извинувањето на Рид.

Иако демократите велат дека прашањето е затворено, Стил потенцираше дека демократската реакција на коментарот покажува двоен стандард. Стил, кој е првиот афро-Американец кој дошол на чело на Републиканската партија, кажа дека демократите „ќе врескаа барајќи да падне глава“ доколку Рид беше републиканец“.

Претседавачот на Демократската парија Тим Кејн призна дека коментарот на Рид бил „без слух“, но дека тој коментирал “во контекст на промоција на кандидатурата на Обама“, а не на начин што имал за цел да побуди расизам.

Автори на книгата „Нова игра“ во која е наведен коментарот на Рид се новинарите Марк Халперин од магазинот Тајм и Џон Хејлеман од магазинот Њујорк.

XS
SM
MD
LG