Полицијата во Сент Луис, сојузната држава Мисури, е во потрага по напаѓачот кој застрелал и убил тројца и ранил уште петмина во фабрика за производство на техничка опрема.
Полицијата го идентификува осомничениот како 51-годишниот Тимоти Хендрон. Тој влегол во канцелариите на компанијата АББ Пауер во Сент Луис и отворил оган од автоматска пушка и од пиштол.
Веќе неколку часа по настанот полицијата трага по осомничениот и други жртви во големиот фабрички комплекс. Тие не можат да кажат дали напаѓачот е меѓу мртвите или ранетите.
Официјални лица велат дека некои вработени избегале преку покривот на зградата при температури под нулата.
Полицијата вели дека Хендрон бил поранешен вработен во компанијата. Судски документи од Канзас Сити, Мисури, откриваат дека Хендрон е меѓу група вработени што ја тужеле компанијата заради начинот на управување со нивните пензиски сметки.