Линкови за пристапност

Постојано подобрување на сликата на загуба на работни места


Бројот на американски работници кои поднеле барање за бенефиции заради невработеност минатата недела беше 434 000, што е само илјада повеќе од претходната недела, и далеку помалку од 700 000 неделни отпуштања од работа регистрирани во најдлабоката рецесија кон крајот на 2008 и почетокот на 2009.

Четиринеделниот просек од бројот на оние кои за прв пат останале без работа паѓа 18-та последователна недела, на најниско ниво од септември 2008.

Економистот на Групата ПНС Финансиски услуги, Стјуарт Хофман, вели дека ова јасно покажува оти исплатите кои беа превалентни во економијата во првата половина на минатата година, сега веќе се губат.

Во петок, федералната влада ќе го издаде месечниот извештај за работни места за декември. Американската невработеност стои на точно 10 проценти, и најголем дел од економистите очекуваат дека таа цифра ќе се задржи пред постепено да почне да опаѓа во наредните месеци.

Очекувањата за економско опоравување и подобрување на пазарот на работни места може да има улога во малото поткревање на малопродажбата во САД за време на критичната, штотуку завршена празнична сезона на купување.

Приватна група вели дека американската малопродажба во декември била за 2,8 проценти повисока од истиот месец пред една година.

Кен Перкинс од истражувачката фирма „Ритеил Метрикс“ вели дека консументите се чувствуваат покомотно, трошат малку повеќе, и тоа се одразува во покажаната мала добивка по катастрофалното ниво од минатата година.

Перкинс додава дека празничната сезона 2008 била најлоша за американските трговци во цела една генерација. Така, скромните подобрувања во 2009 не сигнализираат дека американските потрошувачи брзаат да ги отворат своите паричници.
XS
SM
MD
LG