Белата куќа во четврток ќе објави повеќе детали за пропустите на разузнавањето што довело до обид за бомбашки напад на американски авион на католички Божиќ.
Портпаролот Роберт Гибс вели дека официјални лица ќе објават декласифициран извештај за истрагата по наводниот обид на Нигериец да детонира експлозив на лет што се приближувал кон Детроит. Претседателот Барак Обама се очекува да се обрати на нацијата по ова прашање во текот на денот.Советникот за национална безбедност Џејмс Џонс за ЈуЕсЕј Тудеј кажа дека Американците „ќе доживеат некој вид на шок" кога ќе откријат каде се погрешило. Но тој исто така рече дека претседателот е определен да ги реши проблемите.
Обама порано неделава ги критикуваше американските разузнавачки агенции за пропустот да го запрат осомничениот Умар ФарукАбдулмуталаб од качување на авионот за летот Амстердам – Детроит.
Тој рече дека разузнавачките агенции имале доволно докази за запирање на Абдулмуталаб но дека не ги анализирале соодветно.
Против 23-годишниот Нигериец, во среда, во суд во сојузната држава Мичиген, беше покренато обвинение по шест основи, вклучувајќи обид за носење оружје за масовно уништување и обид за убиство.