Линкови за пристапност

САД повлекоа некои од дадените визи по авионскиот инцидент


Стејт департментот поништи туристички визи за голем број поединци откако Нигериецот Умар Фарук Абдулмуталаб со валидна виза за САД се обиде да активира бомба во авион при слетување во Детроит на 25-ти декември.

Официјални лица тврдат дека не станува збор за голема цифра и дека се настојува САД да останат приемчива земја за легитимни бизнис и туристички патувања.

Претседателот Обама рече дека е пропуст на обезбедувањето што се дозволило лицето да се качи на авион откако таткото на Нигериецот во американската амбасада во Абуџа изразил загриженост заради очигледната радикализација на синот по посетата на Јемен.

Разговорот бил пренесен до официјални лица за контра-разузнавање во Вашингтон, но американската виза на неговиот син не била поништена.

На прес-конференција, заменикот државен сектетар за односи со јавноста Пи-Џеј Кроли, рече дека како резултат од ревизијата на на безбедносната процедура, на многу поединци им се поништени визите, а додадени се и други на листата за забрана за летање за САД, како и на листата за надгледување.

Сепак, тој подвлече дека САД сакаат да останат земја во која посетителите се добродојдени и новата политика не значи спречување на легитимни посети за лица од Јемен, Нигерија и уште 12 држави, за кои сега се воведени дополнителни безбедносни процедури:

„Сакаме овие луѓе да доаѓаат во САД. Тоа е наш интерес. Тоа е интерес на нашата надворешна политика. Интеракцијата меѓу американскиот народ и луѓе од други земји е дел од процес во кој на крајот, ќе го поразиме политичкиот екстремизам. Значи, не ги затвараме вратите за САД. Ќе направиме процесот на патување во САД да биде колку што е можно побезбеден“, рече Кроли.

Тој додаде дека една од причините што повторно бил отворен американскиот конзулат во главниот град Саана по заканите е да се продолжи издавањето на визи за јеменски државјани кои сакаат да патуваат за САД.

Портпаролот рече дека околу 1700 американски визи се поништени од безбедносни причини по терористичките напади од 11-ти септември 2001-ва.

XS
SM
MD
LG