Линкови за пристапност

Њујорк тајмс: Бомбашот кој уби  агенти на ЦИА бил сметан за „најветувачки“ информант


Извештај објавен во САД вели дека јорданскиот двоен агент кој уби седуммина вработени на ЦИА и јордански разузнавачки службеник во Авганистан минатата недела се верувало дека е „најветувачки информант во многу години“ за локацијата на највисоките лидери на ал-Каида.

Весникот Њујорк тајмс цитира анонимни високи американски разузнавачки претставници кои велат дека агентите на ЦИА верувале во способноста на информантот да пенетрира во внатрешниот круг на ал-Каида што на американските претставници однапред им кажале за средбата со него лице-в-лице, на 30 декември, на која се случил самоубиствениот напад.

Разузнавачките претставници цитирани од весникот велат дека неколку месеци милитантот Хуман Калил Абу-Мулал ал-Балави му давал на неговиот јордански надреден проверливи информации за членови на ал-Каида од понизок ранг.

Но, официјалните лица велат дека минатонеделната средба во изолирана американска база во источно-авганистанската провинција Кост, близу пакистанската граница, била прва лице-в-лице со агенти на ЦИА.

Претставници на агенцијата велат дека продолжуваат да истражуваат како тој можел да прошверцува самоубиствен бомбашки елек на таа средба, изведувајќи еден од најсмртоносните напади воопшто сторени спрема американската разузнавачка агенција.

И авганистански и пакистански Талебан ја презедоа одговорноста за нападот.

Авганистански Талебан кажа дека напаѓачот бил незадоволен војник на авганистанската Национална армија. Пакистански Талебан кажа дека тој понудил да работи за милитантите како двоен агент откако ЦИА го регрутирала да служи како информант.

XS
SM
MD
LG