Mакедонската надворешна политика во 2010-та година ќе се фокусира на односите со ЕУ и економски и политички моќната Германија. Така е, барем, според најавата на шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски кој на истекот на 2009-та пред Комисијата за надворешна политика на Собранието говореше за приоритетите на македонската дипломатија.
„Измина точно една година од моето последно обраќање пред оваа комисија и тогаш претставив една агенда за годината која што сега изминува. Денес можам да кажам дека во добра мерка ја исполнивме агендата што си ја поставивме за 2009-та година. Република Македонија доби препорака за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Ја добивме и толку очекуваната визна либерализација. Сведоци сме и на дискурсот на официјална Атина по однос на прашањето за името и неговата дневна политичка употреба внатре во Република Грција, како и надвор во ЕУ. И наспроти декларираниот став дека би сакала да ги види сите земји од Балканот во големото европско семејство што поскоро, на министерскиот совет во ЕУ, во Брисел на 7-ми декември Грција беше таа која што ја попречи одлуката за определување датум за почеток на преговори“, изјави Милошоски, оценувајки ја годината која заминува
Опозиционерите на расправата поинаку гледаа на надворешната политика.
„Во голема мерка оваа година не постигнавме ништо од зацртаното. Ако сакаме, министре, нешто да промениме, мора да има доза на самокритичност каде ние тоа грешиме. Веќе ми е преку глава, и вас, и премиерот во последно време, и претседателот на државата, да ве слушам со анализите што се` се случува на внатрешен план во Грција, а не ни кажувате што се случува овде“, рече Владо Бучковски од СДСМ.
Во секој случај, постои согласност дека напорите на дипломатијата треба да се фокусираат на решавање на спорот за името со Грција што ја блокира интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО. Сепак, разликите меѓу власта и опозицијата по прашањето како да се се реши спорот остануваат. Министерот Милошовски смета дека Македонија е подготвена за решение во духот на компромис што ќе може да се напише и на македонски, и на грчки, и на англиски јазик, но Грција, како што нагласува Милошовски, диктира решение.
„Црвената боја не е боја на компромис ,туку демонстрација на сила. Македонија посакува решение, но македонските црвени линии се со бојата на меѓународното право, изјави министерот Милошовски, кој нагласи дека Македонија ќе продолжи да се обидува дасе избори за своите права преку Меѓународниот суд.
„Имаме сериозни аргументи и мислам дека спроведувањето на овој процес пред Судот во Хаг ќе значи и дополнително почитување на Времената спогодба. Планираме тој процес да го завршиме успешно, без алтернатива“, рече Милошоски во годишното експозе за активностите на Министерството.
Претседавачот со ЕУ – Шведска, пак, преку својот амбасадор Ларс Фреден во Скопје порача дека Македонија ќе треба да го реши проблемот, но за да успее во тоа, потребен и е внатрешен консензус.
Според него, проблемите на Македонија се решливи, но неопходен е внатрешен консензус.
„Гледано од надвор, ниту еден од проблемите на Македонија не се чинат големи, иако знам дека тоа не им изгледа така на многу луѓе во земјава. Но, проблемите можат да бидат решени порано или подоцна. Со цел да се реши прашањето за името, порано или подоцна ќе ви биде потребен внатрешен консензус, во што се надевам дека ќе успеете. Сфаќам дека тоа нема да биде лесно. Охрабрен сум што реакциите во Скопје по одлуката на Советот од 8-ми декември беа воздржани. Но, политичката дебата можеше да биде пожестока со оглед на емотивноста на прашањето“, вели Фреден.
Запрашан дали е можно Македонија да добие датум за преговори доколку не се реши спорот за името со Грција, шведскиот амбасадор упати на консензусот со кој се носат одлуките во 27-члената ЕУ, но сугерираше и продолжување на реформите.
„Во ЕУ одлуките како оваа секогаш се носат со консензус и Грција е членка, а Македонија не е. Можеби ова прашање треба да и` се постави на Грција. Секако, треба да се види што се подразбира под `решение`, имајќи предвид дека прашањето за името е сложено и се состои од повеќе потпрашања. Единственото нешто што Македонија може да го направи во ваква ситуација е да продолжи со реформите, со контактите со Грција и да продолжи да покажува дека сака да биде членка на ЕУ“, смета Фреден. Амбасадорот потецираше и дека во моментов не гледа можност ЕУ да се вклучи во решавањето на овој проблем, но укажа оти одговорот за тоа треба да се побара од Кетрин Ештон, новиот висок претставник на Унијата за надворешна и безбедносна политика.