Фокусот на истрагата навидум е насочен кон Националниот центар за контратероризам - главната агенција за собирање и анализирање разузнавачки материјал од повеќе клучни владини агенции. Официјални лица велат дека Центарот не успеал да ги поврзе разните извештаи за Умар Фарук Абдулмуталаб, осомничениот млад Нигериец кој се товари дека се обидел да активира експлозив на летот на Нортвест еарлајнс од Амстердам за Детроит.
Американските медиуми наведуваат и дека истрагата истовремено утврдила дека и други владини агенции, како ЦИА и Стејт департментот, не успеале да постапат соодветно врз основа на информациите што ги примиле за Абдулмуталаб.
Обама нареди истрага и за процедурите за проверка на патници на аеродромите. Како реакција на инцидентот, холандските и јеменските власти најавија дека ќе започнат да користат скенери за целосна проверка на патниците. Абдулмуталаб пред нападот престојувал во Јемен и тврди дека таму го обучиле членови на Ал-Каида. Скенерите, за разлика од детекторите за метал, даваат цела слика на телото на патникот и може да откријат пластичен или хемиски експлозив сокриен во облеката. Но, тие се контроверзни, бидејќи даваат детален приказ на голото тело на патникот на екранот.