Холандските власти за три недели ќе започнат да користат скенери за цело тело на летовите за САД. Ова средата го соопшти министерката за внатрешни работи Гјус Тер Хорст, како реакција на неуспешниот бомбашки напад во патнички авион на пат за Детроит минатата недела, што полета од амстердамскиот аеродром Скипхол.
Во вторникот, американскиот претседател Барак Обама рече дека „системски пропуст“ меѓу националните агенции за безбедност овозможил Нигериецот Умар Фарук Абдулмуталаб да се обиде да активира експлозив во авионот на компанијата Нортвест еарлајнс, токму на католички Божиќ. Обама рече дека американските агенции не споделиле информации соодветно откако таткото на Умар ги алармирал дека тој претставува потенцијална опасност. За Обама, безбедносниот пропуст е „апсолутно неприфатлив“, поради што САД мора веднаш да ги поправат грешките во системот на домашната безбедност. Тој веќе наложи прелиминарни истраги за процедурата на собирање и споделување на разузнавачки податоци како и за безбедносните проверки на аеродромите. Рокот за наодите е четврток.