Линкови за пристапност

Кој е Нигериецот осомничен за обид за напад на американски авион?


Дваесет и три годишниот Умар Фарум Абдулмуталаб, обвинет за обид во петокот да активира експлозивна направа во авион на компанијата Нортвест ерлајнс, што од Амстердам беше упатен за Детроит, потекнува од богато семејство во Нигерија.

Како тинејџер Абдулмуталаб бил испратен во елитно британско училиште во Лом, во Того, каде играл кошарка и бил одличен ученик.

Но, по терористичките напади врз САД во 2001-ва, еден од неговите наставници рекол дека Абдулмуталаб почнал да го брани исламското талебанско движење во Авганистан, додека други ученици сметале дека групата е премногу екстремна. За него исто така се знае дека почнал да проповеда радикални исламски ставови пред други ученици.

Абдулмуталаб потоа заминал на студии во Лондон и во Дубаи, но ги напуштил и од неодамна се преселил во Јемен, каде рекол дека може да студира бесплатно иако на тоа неговите родители се противеле.

Болаџи Алуко, професор на Нигерискиот универзитет во Вашингтон, вели дека осомничениот Абдулмуталаб, можел да си ги дозволи сите тие патувања, бидејќи неговиот татко е еден од наугледните банкари во Нигерија.

„Тој е поранешен министер и се` до 15-ти декември беше на чело на една од најголемите банки во Нигерија, а можно е да раководи со новата Исламска банка. Тој е татко на 16 деца, од кои многумина се успешни во студиите или кариерата.“, вели Алуко.

Алуко предава механичко инженерство и бил на ист универзитет во Лондон како и осомничениот.

„Абдулмуталаб немал многу до дипломирање. Јас имам диплома од овој колеџ во Лондон. Тој воедно беше запишан на постдипломски студии во Дубаи и очигледно е дека е успешен во она што го прави. Се чини дека за жал, запловил во екстремни води за краток период“, додаде професорот Алуко.

Додека годинава престојувал во Јемен, Абдулмуталаб се верува дека го прекинал контактот со семејството, велејќи дека пронашол нов живот. Во ноември, неговиот татко ја контактирал американската амбасада во Нигерија , велејќи им дека е загрижен за однесувањето на неговиот син.

Во неделата, федералните власти го пренеле Абдулмуталаб од болница, каде му бил пружен третман за изгоретини здобиени по неуспешниот обид да го активира експлозивот на летот Амстердам – Детроит, во федерален затвор во Мичиген. Според обвинението, доколку биде осуден, Абдулмуталаб може да добие максимална казна затвор од 20 години.

Во понеделник, семејството на осомничениот издаде соопштение во кое вели дека целосно ќе соработува со истрагата. Семејството додава дека е благодарно што во инцидентот не бил загубен ниту еден живот.

XS
SM
MD
LG