Линкови за пристапност

2009-та во фудбалот: Контроверза и квалификации


Квалификациите за Светското првенство ги разгореа страстите во 2009-та, со инволвираноста на шампионот од 1998-ма, Франција, во контроверзна завршница каква што не се памети. Ниту голот на Марадона со „раката од господ“ на Светското првенство во 1986-та, ја нема тежината на клучното додавање од Тјери Анри во разигрувањето за пласман во ноември.

Франција и Ирска одиграа нерешено 1:1 и се играше дополнително судиско продолжување. Ирска беше на дофат да се пласира на Светското првенство во Јужна Африка, но Анри со рака му ја подаде топката на соиграчот Вилијам Галас за победоносниот гол и победа од 2:1.

Инцидентот предизвика голема дебата во која се вклучи дури и политичкиот естаблишмент од двете земји. Ирска се пожали до ФИФА, која, пак, го одби нејзиното барање да биде 33-та селекција на Светското првенство во фудбал.
ФИФА соопшти дека одлуката на судијата на зелениот терен е конечна. Така беше и на натпреварот, кога судијата не го санкционираше играњето со рака на голгетерот Анри.

„На еден натпревар имаме само еден судија и двајца помошници. Така ќе биде во 2010-та и нема да има промени. Подоцна ова ќе го преразгледаме“, рече првиот човек на ФИФА, Сеп Блатер.

Франција и Ирска не беа единствени држави во фокусот на контроверзата на патот за Јужна Африка. Натпреварот меѓу Алжир и Египет заврши со бран насилство, дипломатски ноти и националистички жаргон.

Во ноември, на Египет му беше потребна победа од три гола за да се пласира на Светското првенство. Пред решавачкиот меч во Каиро, египетските навивачи го каменуваа автобусот со алжирски фудбалери на пат кон хотел. Безбедноста беше засилена. Египет победи со 2:0. Поради резултатот, требаше да се одигра еден натпревар на неутрален терен во Омдурман, Судан. Алжир го победи Египет со 1:0 и за прв пат во неговата историја ќе игра на Светско првенство.

Египет го повлече амбасадорот од Алжир во знак на протест поради нападите на египетските обожаватели и бизниси во Картум. Во Каиро, полицијата се судри со разгневени навивачи кои се обидоа да ја нападнат алжирската амбасада.
Египетскиот претседател Хосни Мубарак дури во говор во Парламентот рече дека нападите врз Египќаните нема да бидат толерирани. Сепак, таканаречените „Фараони“ нема да играат на Светското првенство во Јужна Африка.
Фокусот на навивачите сега е на Јужна Африка, која ќе е домаќин на 32 селекции од 11-ти јуни. Поранешниот претседател на Јужна Африка Нелсон Мендела, за време на извлекувањето на селекциите по групи, рече дека неговата држава ја има привилегијата да биде домаќин на најголемиот спортски настан во светот.

САД се квалификуваа на Светското првенство на прво место во групата, со еден поен пред Мексико. Ова ќе биде шесто последователно учество на еден Мундијал за Американците и на првиот меч на Светското првенство ќе играат против поранешниот шампион Англија.

Од фудбалските вести од другата страна на Атлантикот, аргентинскиот напаѓач Лајонел Меси ги „собра“ сите овогодишни награди – вклучувајќи ја наградата Играч на годината на ФИФА, Златната топка, за неговата помош во освојувањето шест титули на Барселона во 2009-та.

Меси и` помогна на Барселона да го порази Манчестер Јунајтед со 2:0 во финалето на Лигата на шампионите и го постигна победоносниот гол во Светскиот куп на куповите против Естудијандес од Аргентина за 2 спрема 1.

Уште една ѕвезда од Јужна Америка, поранешниот играч на Барселона Роналдињо, го победи Меси во трката за Играч на деценијата, што ја доделува Светскиот магазин за фудбал.

Шпанија ја заврши 2009-та како најдобро рангирана селекција од ФИФА. Од 16 меѓународни натпревари, Шпанците победиле на 15 и имаат само еден пораз – од САД, во Купот на конфедерациите.

Играњето со рака на францускиот напаѓач Тјери Анри, поразот на Египет од Алжир и доминацијата на Барселона се веќе зад нас. Следната година, светот со нетрпение ќе го чека почетокот на Светското првенство во фудбал во Јужна Африка.

XS
SM
MD
LG