Линкови за пристапност

Иранската опозиција вели дека полицијата уапсила седуммина активисти


Ирански опозициони групи велат дека властите уапсиле најмалку седуммина проминентни реформисти како дел од новиот бран задушувања на анти-владините протести.

Интернет страниците на опозицијата велат дека тројца советници на иранскиот опозиционен лидер Мир Хосеин Мусави биле приведени во понеделникот , меѓу кои и неговиот главен соработник Али Реза Бехешти.

Тие велат дека властите меѓу другите го уапсиле Емад Багхи, кој водел кампања за човекови права и опозициониот активист Ебрахим Јазди, поранешен министер за надворешни работи во првата иранска влада по Исламската револуција.

Иранската државна телевизија Прес ТВ вели дека осум лица биле убиени во неделните протести, што коинцидираше со завршницата на Ашура, голем шиитски фестивал.

Нема независна потврда за апсењата или за насилството. Иранската влада забрани странски медиуми да известуваат од протестите.

Во понеделник, високиот ирански опозиционен лидер Махди Каруби ја критикуваше владината употреба на сила против десетици илјади луѓе кои се приклучиле на анти-владините протести низ Иран.

XS
SM
MD
LG