Линкови за пристапност

Реформа на американската здравствена заштита - усогласување на верзиите


Кога на почетокот на јануари ќе се вратат од празничниот одмор, членовите на двата дома во американскиот Конгрес - Сенатот и Претставничкиот дом - ќе треба да ги верзиите за реформа на здравствена заштита што одвоено ги изгласаа. Тие се разликуваат во неколку клучни точки, така што е неопходен компромис.

Според непартиската Конгресна канцеларија за буџет, секоја од легислативите чини над 800 милијарди долари. Демократите и републиканците се во дебата и колкава ќе биде сумата за долгорочните трошоци. Верзијата на Претставничкиот дом предвидува новиот систем на здравствена заштита во наредните 10 години да чини 1 трилион долари.

Законодавците кои ќе ги усогласуваат верзиите на Сенатот и Претставничкиот дом треба да обезбедат кочниот предлог-закон да биде под 900 милијарди долари – граница што ја постави претседателот Барак Обама, кој става конечен потпис на мерката.

Сенатските демократи беа принудени да направат извесни отстапки кон дел од сопартијците и независните законодавци, а најголемата беше отстранувањето на опцијата за владино осигурување што би конурирало на приватните осигурителни компании, чија пракса е изложена на остри критики изминативе неколку децении.

И двете верзии имаат иста цел – да обезбедат здравствена заштита за 94 до 96 проценти од Американците, споредено со актуелните 83 проценти. Со промената, осигурување би добиле дополнителни 30-тина милиони Американци. Повеќето жители на САД ќе бидат обрзани да се пријават за извесна форма на осигурување, во спротивно ќе треба да платат финансиски казни.

И верзијата на Претставничкиот дом, и онаа на Сенатот предвидуваат зголемување на даноците на Американците со повисоки примања, други даноци и намалување на исплатите за институциите кои нудат здравствена заштита во рамки на владините програми Медикеар и Медикеид. Со тие пари ќе се покријат трошоците на проширеното осигурување.

Додека Претставничкиот дом на приватните осигурителни компании уште веднаш би им забранил да одбиваат услуга поради медицинската состојба на пациентот или да го поскапуваат осигурувањето базирано на старосна граница или пол, Сенатот најави дека ќе чека до 2014-та година за оваа одредба да стапи на сила, со исклучок на децата, кои би добиле осигурување веднаш. Според верзијата на Претставничкиот дом, забраната да се одбие покритие би стапила на сила една година порано, во 2013-та, со слични забрани за повисоки издатоци базирано на претходна медицинска состојба на пациентот или врз основа на полот.

Најголемата разлика меѓу двата предлог-закона и онаа која ќе причини најголема тензија во усогласувањето меѓу Претставничкиот дом и Сенатот ја вклучува таканаречената „јавна опција“, или конкурентно здравствено осигурување што би го понудила владата. Такво нешто нуди верзијата на Претставничкиот дом.

На ова се спротистави независниот сенатор Џо Либерман и за да го добијат неговиот глас, законодавците во Сенатот, прво ја отфрлија опцијата за владино осигурување, а потоа и алтернативниот план за намалување на старосната граница за добивање на покритие за постојната владина програма Медикеар.

Сенатската мерка се потпира на тоа американските сојузни држави да задржат флексибилност во одлучувањето на оваа тема, на проширување на здравственото осигурување за Американците кои се самовработени, малите бизниси и лица кои во моментов се без осигурување.

Усогласувањето меѓу Сенатот и Претставничкиот дом ќе се фокусира и на други прашања, вклучувајќи и ги и одредбите за абортус, како и партиципацијата за илегалните имигранти.

Пред почтокот на официјалните разговори, лидерите од Демократската партија ја истакнуваат потребата да се дојде до одреден консензус, што би гарантирал безбедност во здравствената заштита, но и квалитет, а истовремено да постои контрола за краткорочните и долгорочни трошоци.

Републиканците ставија јасно на знаење дека ќе продолжат да го потенцираат, како што го нарекуваат, долгорочниот дефицит и ризик од долгови по економијата доколку се усвои мерката.

Претседателот Барак Обама, пак, се надева да стави конечен потпис на легислативата на почетокот на наредната година.

XS
SM
MD
LG