Линкови за пристапност

Американски татко доби старателство од бразилски суд


Бразилско-американското деветгодишно момче Шон Голдман, кое беше во центарот на меѓународна правна битка за старателство, конечно е вратен на неговиот американски татко Дејвид Голдман.

Бразилските роднини четвртокот го донесоа Шон во Американскиот конзулат во Рио де Женерио, каде тој за првпат по пет години се сретна со таткото Дејвид. Нивното повторно обединување се случи само два дена откако Врховниот суд на Бразил донесе одлука бразилското семејство да го врати Шон на татко му, со што ја преиначи претходната одлука од пониска судска инстанца.

Бразилското семејство на Шон најави дека се откажува од понатамошна правна битка да го задржи кај себе.

Драмата започна во 2004-та, кога тогашната сопруга на Голдман, Бразилката Бруна Бјанки со синот заминала - како што најавила - на одмор во Бразил. Таму се разведе од Голдман и потоа стапи во брак со познат адвокат. Минатата година таа почина на пораѓање и роднините на Шон во Бразил одбија да го вратат на татко му во САД.
Случајот Шон Голдман допре и до највисоките нивоа на владите во САД и Бразил. За него разговараа американскиот претседател Барак Обама и неговиот бразилски колега Луис Инасио да Силва на средбата во Белата куќа во март.

XS
SM
MD
LG