Илјадници христијански верници се во посета на Витлеем на Западниот Брег – родното место на Исус Христос, прославувајќи го католички Божиќ.
Палестинските власти очекуваат до 50.000 туристи во градот за празникот, што ќе му даде голем економски поттик. Бетлеем ужива обнова како туристичка дестинација благодарение на тековниот прекин на израелско-палестинското насилство. Токму насилството минатите години беше причина голем број турсисти да се откажат од посетата.
Палестински момчиња и девојчиња означија почеток на прославата со парада на градскиот плоштад Јасли. Прославата ќе кулмиминира со полноќна миса во Црквата на раѓањето Христово, изградена на местото каде што се верува дека тој бил роден.
Витлеем годинава по првпат е домаќин на христијански рок-фестивал, на кој настапуваат групи од Австрија и локални музичари.
Сепак, многумина жители се жалат дека нормалниот живот и натаму е блокиран поради израелскиот бетонски ѕид што го опкружува градот од три страни. Израел тврди дека ја изградил мрежата од ѕидови и огради низ поголемиот дел на Западниот Брег за заштита на своите граѓани од палестински напади. Палестинците тврдат дека бариерите им го одзеле земјиштето на кое полагаат право и ја спречуваат трговијата и движењето меѓу заедниците. Израелските власти, пак, соопштија дека за Божиќ презеле мерки за олеснување на движењето на Палестинците кои го слават празникот.