Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад го отфрли крајот на годината како краен рок, поставен од САД, за официјален Техеран да прифати договор за нуклеарно гориво што би ја отстранил загриженоста околу иранските нуклеарни амбиции.
Во говор во јужниот ирански град Шираз, Ахмадинеџад кажа дека САД не се во позиција да поставуваат крајни рокови, како и дека американските официјални лица мора „да го променат однесувањето“.
Американскиот претседател Барак Обама има најавено дека ќе ги преразгледа дипломатските напори во однос на Иран пред евентуално да побара нови санкции преку Советот за безбедност на ОН.
Претставникот за печат на Белата куќа Роберт Гибс кажа дека крајот на декември е “мошне реален краен рок“ за Иран.
Техеран го одби планот поддржан од Меѓународната агенција за атомска енергија со кој 70 проценти од иранскиот ураниум би се испраќал на контролирано процесирање во странство.
Началникот на Американскиот здружен генералштаб, адмиралот Мајк Мулен понеделникот кажа дека Пентагон мора да биде подготвен со армиски опции за да се справи со Иран, во случај претседателот да повика на нив. Мулен верува дека армиската сила би дала ограничени резултати, како и дека најдобра шанса за решавање на спорот околу иранската нуклеарна програма ќе дојде од дипломатијата.
Иранскиот претседател во интервју за американската телевизија, емитувано понеделникот, го отфрли тврдењето на напис во британскиот печат дека Иран работи на детонатор за нуклеарно оружје. Во разговорот емитуван на телевизијата Еј-Би-Си, новинарката Дајен Сојер му понуди на Ахмадинеџад копија од документот до која дошол весникот Тајмс оф Лондон, а што наводно содржи детали за иранските активности за направа за активирање на нуклеарна бомба. Тој го отфрли документот и рече дека го фабрикувала американската влада.
Советник на американскиот претседател Барак Обама, пак, реагираше дека тврдењето на Ахмадинеџад претставува бесмислица.