Разговорите со САД за новиот договор за ограничување на нуклеарното оружје ќе продолжат во јануари, најави руското Министерство за надворешни работи. Во официјалното соопштение се наведува дека „неколкуте проблеми“ што го попречуваат новиот Договор за намалување на стратешкото оружје со Вашингтон треба допрва да се решат, но дека потпишувањето на спогодбата ќе се случи во блиска иднина.
Досегашниот договор, познат под кратенката СТАРТ, истече порано месецов. Тој беше потпишан во 1991-ва година, непосредно пред распадот на поранешниот Советски Сојуз. Договорот го ограничи обемот на нуклеарниот арсенал и воведе систем на инспекција во обете земји, за да се потврди дека истиот се почитува.
На самитот во Москва во јули, американскиот претседател Барак Обама и неговиот руски колега Дмитриј Медведев се договорија да биде постигнат нов договор. Официјални лица велат дека тој повикува на намалување на актуелното ниво „оперативно распоредени“ боеви глави на 1.500 до 1.675 во наредните седум години.