Американските сенатори гласаа да ја завршат расправата за предлог-законот за реформа на здравствената заштита, брзајќи да се изјаснат за мерката пред божиќниот празник на 25-ти декември.
Гласањето понеделникот утрото беше по партиски линии – со 60 „за“ и 40 „против“. Сите демократи и двајцата независни кандидати беа за крај на дебатата, а сите републиканци сакаа таа да продолжи. Со тоа, предлог-законот е поблиску до конечното гласање во Сенатот, што се очекува пред четврток.
Претставничкиот дом во Конгресот веќе усвои своја верзија. Се очекува по Божиќ да започнат макотрпни преговори за компромисна, финална верзија, а претседателот Обама се надева дека ќе стави конечен потпис на почетокот на новата година.
Предлог-мерката налага најголемиот број Американци да бидат здравствено осигурани, со што би биле покриени досега неосигураните 31 милион Американци.
Водачот на републиканското малцинство во Сенатот Мич Меконел го сумираше партиското противење во коментарот дека предлог-мерката е премногу скапа и не ги решава проблемите на тековниот систем на здравствена заштита.
Мерката обезбедува субвенции за дел од Американците да платат за здравствено осигурување и истовремено забранува на компаниите да ускратуваат осигурување поради претходна медицинска сосотојба на пациентот.
САД се единствената богата индустријализирана земја во светот без универзална здравствена заштита. Повеќе американски претседателисе обидоа да издејствуваат таква легислатура во текот на минатите децении, но безуспешно. Претседателот Обама ја смета реформата на здравствената заштита за главен домашен приоритет.