Линкови за пристапност

Сабота почеток на визната либерализација


Од сабота, граѓаните на Македонија кои поседуваат биометриски пасош ќе можат без визи да патуваат во Шенген-просторот на Европа, што ги подразбира земјите-членки на ЕУ без Ирска и Велика Британија, и Норвешка, Швајцарија и Исланд, кои се дел од Шенген просторот.

Либерализацијата на визниот режим беше причина за прослава на плоштадот Македонија во Скопје, со концерти на поп-ѕвездата од некогашна Југославија Здравко Чолиќ и светски познатиот Фетбој Слим. Кон централната прослава по повод либерализацијата на визниот режим се придружија и некои градови од вматрешноста со свои прослави на плоштадите.

Во сабота, во организација на Владата, во Париз на еднодневна екскурзија ќе престојуваат 150 граѓани. Во групата се 20 најдобри студенти од универитетите во државата, новинари и 100 граѓани кои се пријавиле на конкурсот што го објави Владата. Групата ја придружува вицепремиерот за европски интеграции Васко Наумовски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Средствата за патувањето, како што соопштија од Владата, се обезбедени од спознори.

Опозицијата реагираше со тврдење дека владата ги злоупотребува ваквите настани за сопствен маркетинг.

„Се забораваат сите проблеми што ги има државата и на граѓаните им се продава некаква лажна надеж. За жал, притоа не се објаснува што значи безвизниот режим“,
вели потпретседателот на СДСМ Гордан Горгиев.

Владеачката ВМРО ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата.

„Ова претставува еден симболичен чин којшто повеќе говори за поврзаноста помеѓу Република Македонија и државите членки на Европската унија, а не толку за чин којшто предизвикува некакви трошоци. А, колку што знам, прославите се во приватна организација“, вели пратеникот Александар Спасеновски.

Сите граѓани на Македоија кои поседуваат биометриски пасоши од утре слободно може да патуваат во Шенген-просторот, но на пат со себе треба да понесат осигурување како и доволна сума на пари за престојот. Во спротивно, граничните служби на Шенген-зоната имаат право да ги вратат граѓаните од границата.

Либерализацијата на визниот режим, велат во ЕУ, не значи и право на работа во државите во кои слободно може да се патува. Либерализацијата е само можност за туристички престој што не смее да биде подолг од три месеци.

Според истражувањата, не е голем бројот на граѓани кои веднаш ке го искористат ова олеснување, а тоа се должи на актуелната социо-економска ситуација.

XS
SM
MD
LG