Линкови за пристапност

Барак Обама повика на обединета акција против климатските промени


Американскиот претседател Барак Обама на финалниот ден на конференцијата за климатски промени во Копенхаген им порача на светските лидери дека е време „земјите да се обединат зад заедничка цел“. Подвлекувајќи дека времето истекува, Обама кажа: „подготвени сме да ја завршиме работата уште денес, но нештата мора да се придвижат од сите страни“.

По двонеделна дискусија во данскиот главен град, учесниците не успеаја да најдат согласност за намалување на емисијата на штетни гасови во атмосферата, на што се фрла кривицата за глобалното затоплување.

Несогласувањето меѓу богатите и сиромашните земји околу границите и финансирањето на намалувањето континуирано предизвикуваа напнатост на конференцијата.

Белата куќа вели дека претседателот Обама се среќава со државници од развиените и земјите во развој, а со дел од нив веќе се сретнал претходно во текот на денот.

Според официјални лица, Обама имал приватна средба со кинескиот премиер Вен Џиабао.

САД и Кина во Копенхаген презедоа улоги на најголеми емитувачи на штетни гасови, но и на претставници на развиените и земјите во развој.

Две од најголемите пречки за спогодба се одбивањето на САД да предложат подлабоки ограничувања во испуштањето на штетни гасови и одбивањето на Кина да дозволи верификација на своето намалување.

Напоменувајќи дека некои земји сметаат дека САД не чинат доволно, Обама рече дека светските водачи мора да прифатат некаков договор, дури и да не е совршен.

САД предложија да ја намалат емисијата на штетни гасови за 17 проценти до 2020-та, а за 80 проценти до 2050-та. Вашингтон исто така најави дека планира да помогне во еден глобален фонд за сиромашните земји да се справат со глобалното затоплување. Целта е да се обезбедат до 100 милијарди годишно до 2020-та.

Во нацрт-спогодбата што циркулира на конференцијата е отстранет крајниот рок за земјите да постигнат законски обврзувачка климатска спогодба до крајот на 2010-та.

XS
SM
MD
LG