Грчкиот министер за финансии смета дека генералниот ремонт на даночниот систем е клучен чекор за запирање на актуелната финансиска криза. Јоргос Папаконстантину најави дека даночните промени ќе се воведат до март наредната година. Тие треба да го намалат широкораспространетото неплаќање на даноци и да помогнат да се убедат кредиторите дека официјална Атина е сериозна во справувањето со задолженоста.
Грчкиот владин долг е околу 440 милијарди долари. Стравувања дека Грција ќе има тешкотии да отплати кредитите принудија две од главните агенции за кредитно рангирање, Фич и С & П, да ја намалат проценката. Третата агенција, Модис ја разгледува состојбата во Грција. Зголемениот ризик за отплаќање, што го намали кредитниот рејтинг, значи дека кредиторите ќе ги зголемат каматните стапки. Тоа, пак, ќе ги зголеми трошоците за земјата која веќе се наоѓа во најлошата финансиска криза со децении.