Линкови за пристапност

Лаптоп за секој наставник во Македонија


„Со овие 22.000 лаптопи Македонија стана прва земја во светот која има компјутер за секој просветен работник", изјави министерот за информатичко општество Иво Ивановски, на официјализирањето на дистрибуцијата на 22.000 преносни компјутери за наставниците во средните и основните училишта во Македонија.

Според министерот Ивановски, кој со скопскиот градоначалник Коце Трајановски го посети Градежниот училиштен центар „Здравко Цветковски“ во Скопје, лаптопите што им се доделуваат на професорите се модерни, функционални и моќни. Секој лаптоп, покрај врска со Интернет, има и можности за користење на печатач и видеобим.

„Набавени се, пред се`, за модернизација на наставата и за да им се олесни на наставниците да ја подготвуваат наставата и вон работното време. Целта е македонското образование да се крене на повисоко ниво на кое ќе биде истакната креативноста на професорот,“ рече Ивановски, според кого распределбата на лаптопите за наставниот кадар во сите основни и средни училишта ќе заврши до крајот на јануари 2010, со што, секој професор ќе има службен лаптоп што ќе го користи и на работа и дома.

Скапиот проект чини околу 250 милиони денари и со него ќе се овозможи компјутеризација на 12.000 професори од средното образование кои минатата година ја завршија обуката. И за наставниците во основните училишта сега ќе следи обука.

Според Министерството, од второто полугодие и учениците во основното образование ќе работат со компјутери, кои според најавите до крајот на следниот месец ќе бидат поставени во сите училишта и конечно ќе бидат завршени поставувањата на електричните инсталации.

Иако, според извештајот на Министеството за информатичко општество, во училиштата се досега оштетени само 8 до 9 проценти од компјутерите, што главно не беа ни употребувани, опозицијата перманентно ја напаѓа Владата за пропаѓање на многу рекламираниот проект „Компјутер за секое дете“, започнат уште во 2007 година, кога беа набавени 100.000 компјутери за учениците во сите средни училишта и за околу една третина од основните училишта. Подоцна беа купени уште 65.000 компјутери за опремување и на останатите ученици во основните училишта, но според медиумски тврдеа, во голем дел од училиштата компјутерите досега не се ни вклучени, а неопходната софтверска поддршка не е изведена до крај, па наместо за информатика, учениците ги користат за играње компјутерски игри и за сурфање на Интернет.

XS
SM
MD
LG