Линкови за пристапност

Обама повика на обединета акција против климатските промени


Американскиот пртеседател Барак Обама на финалниот ден на конференцијата за климатски промени во Копенхаген им порача на светските лидери дека е време „земјите да се обединат зад заедничка цел“.

По двонеделна дискусија во данскиот главен град, учесниците не успеаја да најдат согласност за намалување на емисијата на штетни гасови во атмосферата, што, според многумина научници, е причина за глобалното затоплување.

Според медиумските извештаи, текстот на нацрт-спогодбата, што во меѓувреме може да биде променет, не наведува цели за големо намалување на испуштањето на гасови за индустријализираните земји, со што е далеку од првичната идеја за еден законски обврзувачки документ.

Напоменувајќи дека некои земји сметаат дека САД не чинат доволно, Обама рече дека светските водачи мора да прифатат некаков договор, дури и да не е совршен.

Генералниот секретар на Он Бан Ки-мун ги повика учесниците да појдат напред преку „компромис, смисла и храброст“.

Две од најголемите пречки за спогодба се одбивањето на САД да предложат подлабоки ограничувања во испуштањето на штетни гасови и одбивањето на Кина да дозволи верификација на своето намалување.

Без конкретно да ја спомене Кина, американскиот претседател кажа дека меѓународен договор не е можен без споделување на информации.

Медиумските извештаи прогнозираат дека климатскиот пакт од средбата најверојатно ќе повика на превенција - глобалните температури да не нараснат повеќе од два степени Целизусови. Малите островски земји, загрижени за зголемувањето на водните нивоа, предложија границата да биде 1,5 степени.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон четвртокот најави дека САД би помогнале да се се собере фонд во висина од 100 милијарди годишно за сиромашните земји да се справат со последиците од глобалното затоплување, како што е зголемувањето на водните нивоа. Но, Клинтон предочи дека понудата зависи од тоа дали тие земји ќе ја ограничат емисијата на гасови и ќе дозволат верификација.

Кина стои на ставот дека претходниот глобален документ ја исклучува, заедно со другите земји во развој, од - како што ги нарекува - доброволните ограничувања на емисијата на гасови. Официјален Пекинг исто така смета дека американската понуда да ја намали емисијата за 17 проценти не е доволна. Американски официјални лица, пак, наведуваат дека Конгресот во овој момент нема да одобри поголемо намалување. Клинтон во четвртокот кажа дека 17-те проценти се првичен чекор кон 50-процентно намалување до 2050-та година.

XS
SM
MD
LG