Стотици демонстранти се упатија кон зградата каде се одржува Конференцијата за климатски промени под покровителство на ОН. Светските лидери во меѓувреме се обидуваат да постигнат нов договор за проблемот со глобалното затоплување.
Активисти за чиста животна средина, лути заради бавното темпо на разговорите, се собраа пред Центарот Бела во Копенхаген, каде се одржува конференцијата на која учествуваат лидери од преку 100 земји од светот.
Полицијата соопшти дека преку 100 демонстранти биле уапсени откако ја минале дозволената безбедносна зона.
Деветдневните разговори досега не дадоа големи резултати, а критиката вели дека делегатите минале премногу време на излагања на веќе чуени ставови, наместо да се обидат да најдат компромис.
Британскиот премиер Гордон Барун, кој исто така учествува на Конференцијата, истакна дека неуспехот да се реагира, може да влијае на квалитетот на живот на милиони луѓе.
Белата куќа соопшти дека претседателот Барак Обама е убеден дека неделава може да се постигне договор. Тој во Данска ќе пристигне во петок.
Светските лидери имаат до петок да ги усогласат ставовите и да дојдат до договор за намалувањето на испуштањето на штетните гасови, како и по прашањето за финансирање на напорите на посиромашните земји да се справат со ефектите од глобалното затоплување.