Линкови за пристапност

Светските лидери на пат за Копенхаген


Зборувајќи во седиштето на ОН во Њујорк, Бан Ки-мун рече дека е оптимист оти ќе биде постигнат издржан договор на конференцијата во Копенхаген:

„Копенхаген може да биде пресвртна точка во светските напори за спречување на климатските промени и воспоставување на нова ера на еколошки растеж“ рече Генералниот секретар на ОН.

Вторникот беше осми ден од разговорите за климатските промени и со пристигнување на светските лидери, аналитичарите сметаат дека е време за сериозен напредок за главните прашања.

Боб Вард е од Институтот за климатски промени Грантам при лондонската школа за економски науки. Тој вели дека постои чувство дека кога политичките лидери ќе пристигнат во следните неколку денови, тоа ќе биде можност да се надминат некои од пречките, затоа што верува дека лидерите ќе се зафатат со решавање на суштината на прашањата и ќе ги надминат преостанатите пречки.

Главна цел на самитот е постигнување договор за намалување на емисијата на штетни гасови во атмосферата и поставување механизам што ќе им овозможи на земјите во развој да добијат милијарди долари помош за справување со климатските промени.

Но, разговорите во понеделникот во најголем дел беа во застој, откако африканските делегати ја напуштија конференцијата истакнувајќи дека сиромашните земји кои се најпогодени од глобалното затоплување - се игнорирани. Пред да се вратат на разговорите, тие соопштија дека земјите во развој се обидуваат да го минимизираат протоколот од Кјото, што е законски обврзувачки документ за намалување на емисијата на гасови до 2012-та.

Групата 77 плус Кина, која преговара во име на 130 земји, вклучувајќи ги и најсиромашните, сакаат да продолжи да важи протоколот од Кјото и по 2012-та, но со нови цели за емисија на штетните гасови.

Вард рече дека фокусирањето на механизмите за постигнување договор за климатските промени во моментов е контрапродуктивно. Тој смета дека светските лидери наместо тоа, треба да се фокусираат на главните цели:

„Треба да биде постигнат договор колку точно ќе се намали емисијата на издувни гасови и колку пари ќе бидат издвоени за земјите во развој да им се помогне во нивните напори.“

ЕУ вети дека ќе одвои повеќе од 10 милијарди долари за сиромашните земји да се справат со климатските промени – цифра која земјите во развој ја опишаа како „недоволна“.

Светската банка предвидува дека прилагодувањето на ефектите од климатските промени ќе чини над 100 милијарди долари до 2050-та.

XS
SM
MD
LG