Линкови за пристапност

Македонија: Обиди за консензус по прашањето за името


По последните случувања во Брисел, каде Советот на министри на ЕУ на почетокот на неделава јасно го услови датумот за преговри со решавање на спорот со името, во Македонија расте потребата од градење на национален консезус околу иднината на земјата во процесот на европските интеграции. Сите поголеми политички партии истапија со барања за градење на широк консензус.

ДУИ, партнер во владината коалиција, истапи со став дека е неопходно партиските лидери да седнат на една маса и да поразговараат за сето она што се случувало во Брисел.

„Над сите интереси е интересот на граѓаните на Република Македонија и ние кои сме бирани од страна на граѓаните, секако дека треба да ги остваруваме тие интереси“, вели Рафиз Алити од ДУИ.

Опозицијата пак на неколку наврати досега повторуваше дека и` дава поддршка на власта за прашањето за името. Сега вели дека не е време за лидерска средба и дека се` останува во во рацете на премиерот Никола Груевски. Во опозицискиот СДСМ велат дека постои расположение за средба, но дека владеачката ВМРО-ДПМНЕ не сака соработка со него.

„Во време кога Груевски сака да расчисти со се` што не мисли како него, ние понудивме поддршка за ова прашање. Но, сметам дека тие не сакаат да не` видат. Тие сакаат ние да не постоиме, а не да разговараат со нас и да бараат поддршка“, изјави потпретседателот на СДСМ, Зоран Заев.

И од Нова демократија, партија од албанскиот опозиционен блок, велат дека доколку е потребно тие се подготвени да учествуват во носење на заедничка стратегија која ќе ја извлече земјата од долгогодишниот спор.

Пред неколку месеци пратеникот Стојан Андов поднесе предлог-стратегија за името, но по долги расправи, тој ја повлече мерката.

„Ќе го обновам предлогот, но ако пак се случуваат игри како минатиот пат, ќе го повлечам“, вели Андов.

Во обид да се направи исчекор на овој план, амбасадорот на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере во петок на средба ги покани лидерите на политичките партии. Главна тема на новогодишниот ручек во резиденцијата на Фуере, било името. Како што рекоа од Канцеларијата на ЕУ, амбасадорот сакал лично да ги слушне ставовите од партиските лидери, но и да ја види нивната визија за тоа како во наредните шест месеци за време на шпанското претседавање со Унијата, ќе може да се изнајде решение околу прашањето што е главната кочница на македонскиот евроинтегративен пат.

Фуере од своја страна детално ги запознал лидерите за сето она што се случувало за време на министерскиот состанок во Брисел. На состанокот, поради грчкото противење, Македонија не доби датум за старт на преговори со ЕУ.

XS
SM
MD
LG