Пакистански официјални лица велат дека петтемина Американци кои неделава беа уапсени, се испрашувани за наводни врски со екстремистички групи.
Пакистанската полиција соопшти дека лицата биле приведени за време на рација во домот на локален лидер на забранетата милитантна група Џаиш-и Мухамед во Саргода, провинцијата Пунџаб. Во рацијата се одземени лаптоп комјутери и мапи.
Властите во Пакистан додаваат дека уапсените лица сакале да бидат дел од светата војна – Џихад.
Федералното истражно биро издаде соопштение во кое вели дека агенцијата се обидува да го дознае идентитетот на овие лица, природата на нивните активности во Пакистан, како и тоа дали се тоа петмината американски студенти кои од крајот на ноември се водат за исчезнати.
Еф-Би-Ај вели дека е во контакт со семејствата на студентите, како и со пакистанските власти.
Пакистанската амбасада истакна дека засега не е поднесено никакво официјално обвинение против осомничените лица.