Американскиот милијардер Џорџ Сорос предлага алтернативен план за помош на сиромашните земји за да се адаптираат на климатските промени.
Во обраќањето на Конференцијата за климатски промени што се одржува во Копенхаген, Сорос предложи најбогатите земји да користат „резерви“ на Меѓународниот монетарен фонд во висина од 100 милијарди долари, за да се креира „зелен фонд“ за инвестирање во шумските површини и фармите во земјите во развој.
Средствата би дошле од специјалниот фонд од преку 283-те милијарди долари, што ММФ го креираше во август. Неговата цел беше да ја подобри ликвидноста во најбогатите земји, како помош да се опорават од глобалната економска рецесија. Сорос додаде дека поголем дел од тој фонд се наоѓа во резервите.
На Конференцијата во Копенхаген учествуваат претставници од 192 земји кои се обидуваат да изготват договор за глобално затоплување што би претставувал одреден баланс меѓу економските грижи на богатите земји и барањата на земјите во развој. Сиромашните земји велат дека ќе бидат најмногу погодени од трендот на глобално затоплување.
Претседателот Барак Обама и околу 100 други светски лидери планираат да учествуваат на конференцијата наредната недела.