Линкови за пристапност

Повик до граѓаните во Македонија да се вакцинираат


Глас на Америка: Госпоѓо Кишман, на Балканот се зголемува бројот на починати лица од грипот А (Х1Н1), во Србија досега има 32, во Хрватска 22, а во Македонија 12 случаи кои завршиле фатално. Дали може да се зборува за крај на првиот бран на грипот или овој регион допрва го очекува пик на пандемијата?

Марија Кишман: Уште на почетокот на прогласувањето на пандемијата, СЗО рече дека текот на пандемијата не може да се предвиди. Меѓутоа, она што можеше да се предвиди е појавување на заболувањето, односно на пандемискиот грип во периодот кога би требало да се појави и сезонскиот грип, а тоа се доцноесенските и зимските денови. Она што го гледаме сега во Република Македонија е одраз на, се разбира припаѓањето на северната хемисфера и на сезонското појавување на самата болест. Забележано е дека кај земјите кои во Европа и` припаѓаат на северната хемисфера започна со поголем бран на заболени на почетокот на пандемијата, некаде од летото наваму, и пополека пандемијата се смирува, барем ако можеме така да кажеме, се смирува првиот бран, додека во Централна и Источна Европа, а особено во балканските земји, има нагорна линија на појава на случаи на заболени од пандемискиот грип. Повеќе од 90 проценти од заболените од грип во овој временски период всушност, му припаѓаат на пандемискиот тип на грип. Дали може да говориме за еден, два или три пикови, кога ќе се јават и најголем број на заболени, навистина би било спекулативно во овој момент. Меѓутоа, треба да се има предвид дека доаѓаат голем број на празници, каде што агрегацијата на населението ќе биде голема, а со тоа и можноста за понатамоишно ширење на инфлуенцата и појава на, така да го наречеме, втор бран на болеста. Во моментов, ситуацијата во Република Македонија, според оние податоци кои ни се на располагање од Министерството за здравство, е следна: се бележи и зголемен број на заболени и зголемен број на смртни случаи.

Глас на Америка: Пред еден месец во разговорот за Гласот на Америка на македонски јазик споменавте дека нема место за паника. Последните пет смртни случаи во само два дена предизвикаа засилени медиумски реакции во Македонија. Има ли сега место за паника?

Марија Кишман: Затоа и говоревме подолг временски период, од почетокот на мај наваму, дека треба да се подготват самите држави во склоп на препораките на СЗО, но и на ЕУ и на нејзината специјализирана агенција за здравје и за контрола на болестите, да бидат подготвени за оној момент кога ќе се соочат со зголемен број на случаи. Дали има место за паника? Се разбира, одговорот е повторно - не! Бидејќи станува збор за заболување кое што, се надевеме, следната година ќе биде во состав на таканаречената сезонска инфлуенца. Бројот на смртните случаи е очекуван во овој момент, според податоците со кои сега располагаме. Според таа епидемилошка крива на заболеност, во моментите на намалување на првиот пик, почнуваат да се јавуваат смртните случаи посебно кај хроничните болни.

Глас на Америка: Македонија досега обезбеди вакцини за само околу еден процент од популацијата. Колку досега необезбедената вакцина и неизвршеното вакцинирање на пошироките слоеви на населението може да се одрази во понатамошниот тек на епидемијата?

Марија Кишман: Препораките на Комисијата за пандемиски грип, во која СЗО членува како советодавно тело но без право на глас, беа дека се потребни околу 400.000 дози вакцина во првиот период. Тие 400.000 дози беа планирани да се нарачаат бидејќи стануваше збор за дводозна вакцина. Меѓутоа, специјалниот оддел на СЗО и Европската агенција за лекови, за најголемиот дел на вакцините донесе нова одлука - дека е потребно само една доза при вакцинацијата. Со тоа се намали и бројот на потребните дози. Вие споменавте еден процент од населението. Всушност, не станува збор за овој момент, во овој временски пресек во државата има вакцини за еден процент од населението, меѓутоа она што му е ветено на населението од Владата, а е пренесено и до нашата организација е - дека консекутивно ќе се набавуваат соодветен број дози според динамиката на побарувачката и текот на епидемијата во земјата.

Глас на Америка: Дури и меѓу медицинскиот кадар се забележува одредена резерва кон вакцините, а граѓаните - обичните смртници, како да се во дилема во поглед на вакцинирањето. Колку е поткрепена таа резервираност и колку е реален стравот од вакцините?

Марија Кишман: Придобивките на ова ново електронско време во кое информациите кружат со невидено брз тек, имаа за последица и случаи во кои поединци и одделни лица презентираат дури и теории на заговор. За жал, така населението имаше допир до информации кои не беа научно издржани, а кои ги презентираа лица кои веројатно имаат своја агенда. Јас го повикувам уште еднаш населението на Република Македонија, а особено лекарите кои први имаат одговорност кон своите пациенти да не ја пренесуваат болеста, што побргу да си ја завршат должноста и да ја примат вакцината, бидејќи тоа е единствениот начин на соодветна заштита во оваа ситуација на пандемиски грип.

XS
SM
MD
LG