Линкови за пристапност

Стотици илјади луѓе умираат од пасивно пушење


Светската здравствена организација вели дека е забележан мал напредок во однос на политиката против пушењето. Со законите против пушењето донесени минатата година, беа покриени 5,4 проценти од светското население, што е пораст од преку 3 проценти споредено со 2007-ма година.

Координаторот на Иницијативата против пушењето при СЗО, Армандо Перуга, вели дека 362 милиони лица уживаат правна заштита од пушењето во рестораните, баровите и другите јавни места на затворено.

„Тоа е за 154 милиони повеќе споредено со лани. Постигнат е напредок во политиката против пушењето, но сепак преку 90 проценти од луѓето во светот и натаму не се заштитени од опасноста на изложеноста од пасивното пушење“, истакна Перуџа.

Според најновиот извештај на СЗО, годишно од оваа појава умираат 600.000 лица и употребата на цигарите ја нарекува главна причина за смртноста што може да биде спречена. Како резултат од изложеност на пушење, секоја година прерано умираат преку пет милиони лица. Организацијата додава дека оваа бројка може да се искачи на осум милиони до 2030 година, доколку не се преземе итна акција за контрола на епидемијата од пушењето. СЗО наведува дека преку 80 проценти од смртните случаи се во земјите во развој.

Д-р Перуга вели дека пушењето се намалува во развиените земји, така што индустријата на цигари бара нови пазари во посиромашните земји.

„Африка во моментов е континент каде бројот на пушачи и изложеност на пушењето е на релативно ниско ниво споредено со други земји и затоа пазарот може нагло да се активира. Тоа главно се постигнува преку политиката на цени, ќе бидат понудени цигари со мошне пристапни цени, а во меѓувреме ќе се вложат напори за справување со секакви мерки за забрана на индиректно и директно рекламирање и спонзорства на цигарите“, изјави Перуга.

Овој експерт додава дека индустријата на цигари воедно цели на младата популација, особено на млади жени.

Досега речиси 170 земји во светот ја ратификуваа Рамковната спогодба на СЗО за контрола на пушењето. Договорот содржи пет мерки за контрола на користењето на цигари и заштита на луѓето од изложеност на пушењето.

XS
SM
MD
LG