Линкови за пристапност

Решен историски судски спор со домородните Американци


Американската влада вели дека го решила 13-годишниот судски процес против Одделот за внатрешни работи за погрешно водење на фондови на стотици илјади домородни Американци.

Правната спогодба владата ќе ја чини 3,4 милијарди долари и со тоа ќе се затвори случајот во кој американско домородно население го обвинува Одделот за внатрешни работи дека оштетил стотици илјади Индијанци, поради тоа што нивното земјиште било изнајмувано за целите на рударската и градежната индустрија, како и за енергетските интереси.

Секретарот за внатрешни работи, Кен Салазар, рече дека дошло време владата да „ги исправи грешките од минатото“.

„Ова е историски ден за САД. Ова е историски ден за првите Американци на денешните САД“, истакна Салазар.

Според договорот, на преку 300.000 домородни Америкаци ќе им бидат исплатени над 1,4 милијарди долари компензација. Други две милијарди ќе се употребат за откуп и консолидација на племенското земјиште изгубено од претходни генерации.

Тужбата против владата ја поднесе Елоиз Кобел, член на индијанското племе Блекфит од сојузната држава Монтана. Кобел изјави дека иако некои обвинители се залагале да издејствуваат дополнителни пари од владата, сепак било решено да се стави крај на спорот.

„Можевме да го пролонгираме процесот, но одлучивме да го решиме случајот сега, поради жалниот факт дека бројот на припадници на нашата заедница од година во година се намалува, постарите членови умираат пред да добијат праведна компензација“, рече Кобел.

Случајот датира уште од 1887 година, кога владата го подели индијанскиот резерват на мали делови кои потоа им ги додели на поединечни Индијанци.

Одделот за внатрешни работи беше одговорен да врши надзор на различните активности на земјиштето, вклучувајќи потрага по минерали, дупчења за нафта и гас, одгледување на дрва за потребите на градежништвото. За сите овие активности Индијанците требало да добијат надомест. Но Кобел и другите домородни Американци од заедницата го обвинија Одделот за внатрешни работи за несоодветен третман на приходите и тоа за период од повеќе од еден век.

Претседателот Барак Обама издаде соопштение во кое постигнатиот договор го опиша како важен чекор кон помирување на корисниците на фондот на домородните Американци и владата. Договорот треба допрва да биде ратификуван од федерален суд и од Конгресот.

XS
SM
MD
LG