Има или нема напредок? Околу тоа може да се дебатира, но не и за тоа дали во Македонија има или нема коруција - на одбележувањето на 9-ти декември - Меѓународниот ден за борба против корупцијата, сите новинари, експерти, државни службеници, невладини претставници, констатираа дека во Македонија има корупција.
„Од врвот на државата до дното. Во тие процеси можно е учеството, меѓу другото, и на новинарите, односно медиумите, и особено во овие денес, да речеме, динамични општествени услови во кои живееме“, вели професорката Весна Шопар.
Локалната власт, судството, јавната администрација – тоа се секторите каде власта се` уште нема решение за корупцијата, беше општ заклучок на настанот. Проблемот во тие области дури и за првиот човек на Државната антикорупциска комисија е сериозен.
„Имаме многу сериозни проблеми во локалната сфера, со градежништвото и со урбанизмот. Имаме сериозни проблеми во смисла на употреба на овластувањата на локалната власт до исклучивост и тука навистина може да се каже дека имаме сериозен проблем со корупција“, вели Мирјана Димовска.
Единствено таа гледа напредок во Македонија на ова поле, мислејќи веројатно на извештајот на Транспаренси интернешенал пред неполн месец, каде што напредокот беше измерен со 71-то место, наместо досегашното 72 и со 0,2 индексни поени. Веста не е ни добра ни лоша оценија тогаш од Транспарентност нулта корупција. Ако е за утеха, корупцијата во Македонија е на исто ниво со онаа во Грција, Романија и Бугарија, а ситуацијата е подобра од Србија, Албанија и Босна и Херцеговина.
Новинарите на посебна дискусија разговараа како поуспешно да ги откриваат случаите, а притоа да останат имуни на поткупливоста. Ако е тоа воопшто можно, бидејќи и медиумите се високо на листата на корумпираните општествени професии.