Линкови за пристапност

Пет нови смртни случаи од грипот А (Х1Н1) за само два дена


„Aпелираме до сите работници кои се изложени на новиот грип како што се наставници, полицајци, превозници во јавниот превоз, таксисти, вработени на шалтери, организирано да се вакцинираат. Ги замолувам сите оние кои досега потценувачки се однесуваа кон грипот па дури и зборуваа за некакви завери, да престанат со таа практика и да дадат свој конструктивен придонес во справување со пандемијата", изјави во среда министерот за здравство, Бујар Османи, откако на јавноста и беше соопштено дека на Клиниката за инфективни болести во Скопје, само во изминатите 24 часа, починале уште тројца пациенти со вирусот на новиот грип А (Х1Н1).

Со двете преку ноќта починати лица, бројката од петмина мртви за само два дена стана досега најголема во државата во толку кус период. Досега во Македонија од грипот починаа 12 лица. Последните три жртви на грипот се маж на возраст од 57 години од Битола кој имал кардиомиопатија и две жени на возраст од 71 и 75 години од Скопје, едната со кардиомиопатија, а другата со дијабетес и проблеми со срцето. Според директорот на Инфективната клиника д-р Звонко Миленковиќ, пациентите биле хоспитализирани во тешка состојба, на Клиниката имале тешка клиничка слика, со бронхопневмонија и дошло до влошување на нивната основна болест

По повод најновите смртни случаи, министерот Османи ги повика граѓаните да се вакцинираат и апелираше сите граѓани и матични лекари да го сфатат сериозно новиот грип, исто како и инфектолозите, сите други здравствени работници и сите други институции кои имаат допирни точки со здравството или имаат предвидени обврски според Оперативниот план за справување со пандемијата.

Министерот Османи денес истакна дека Министерството и Комисијата за пандемски грип заклучиле оти е потребно дополнително советување на матичните лекари за новите препораки врз основа на новата стратегиска фаза во справување со грипот што ќе се изведе следните денови, а според директорот на Инфективната клиника д-р Миленковиќ, граѓаните треба да имаат поголема доверба во знаењето и искуството на матичните лекари. Според претседателкатата на Комисијата за пандемски грип д-р Јованка Костовска, матичните лекари се должни да ја препорачуваат вакцинацијата. Покрај пристигнатите 20.000 вакцини, ќе бидат набавени дополнителни 80.000 вакцини. Од понеделник ќе почне бесплатната вакцинација против новиот грип за сите граѓани во заводите за здравствена заштита во Македонија, со рецепт од матичен лекар, а ризичните групи од населението бесплатно ќе можат да го подигнат лекот тамифлу од аптеките во здравствените домови, кои ќе работат нон-стоп. Според д-р Костовска, во Македонија досега се вакцинирале 1.793 луѓе од кои 864 се здравствени работници, а 929 се граѓани од ризичните групи. Од вкупниот број пријавени заболени во овие два месеца - 18.580, 8.917 лица биле клинички сомнителни на новиот грип. Од нив, хоспитализирани се 1.136 лица, најмногу на Клиниката за инфективни болести, а останатите се на Детската клиника, Институтот за белодробни заболувања, Воената болница и во инфективните одделенија на болниците низ Македонија.

Сепак, Комисијата за пандемски грип на денешниот состанок заклучила дека засега нема потреба да се затвораат училиштата и да има предвремен распуст, а ако по новогодишнте празници има таква потреба, Комисијата може да го продолжи распустот.

Што се однесува до недостигот на респиратори, министерот Османи рече дека со големиот тендер се набавуваат 55 нови апарати за инфективните одделенија во болниците каде што има стационар и оти процедурата за нив е во завршна фаза, а директорот Миленковиќ соопшти дека на на Инфективната клиника, на која моментално се хоспитализирани 122 пациенти, на респиратор постојано се три до четири пациенти.

XS
SM
MD
LG