Работните состаноци започнаа што значи дека преговарачите работат на решавање на прашањата што се на маса. Целта е да се дојде до конкретни решенија за намалување на емисијата на издувни гасови, да се промовираат нови, еколошки технологии, но исто така да се промовира и економски растеж и инвестиции и да им се помогне на помалку развиените земји во прифаќање на тие нови услови.
Високиот комесар на ОН за климатските промени, Иво де Боер, ги потсети делегатите дека се потребни резултати:
„Преговарачите за време на следната недела треба да излезат со солидни предлози, што ќе претставуваат основа за конечниот договорот“, рече тој.
Како потсетување на тоа што е во залог, Агенцијата на ОН за климата, јави дека оваа деценија најверојатно ќе биде најтопла досега, а 2009-та ќе биде петта најтопла година откога се мери температурата од 1850-та.
Шефот на светската метеорлошкиа организација, Мајкл Џаруд, рече дека повеќето области во светот имале над нормалната температура во 2009-та: „Во големи делови од Јужна Азија, централна Африка, најверојатно ќе биде регистрирана најтоплата година досега.“
Најголем дел од научниците веруваат дека затоплувањето е главно предизвикано од човечка активност, особено со употребата на фосилно гориво и сечење на шумите. Скептиците велат дека глобалното затоплување е дел од природен циклус на промена на климата.
Во Копенхаген научниците го ставаат акцентот на тоа што владите на државите можат да сторат за намалување на емисијата на штетни гасови.
Научниците велат дека потребно е 25 до 40 процентно намалување на емисијата на јаглероден диоксид во атмосферата за глобалното затоплување да се стави под контрола. ЕУ, Кина и Индија веќе се заложија за намалување на емисијата на издувни гасови. САД чекаат на одобрување од Конгресот за предлогот на администрацијата на Обама.
Боер рече дека се` уште има многу разговори за тоа кој колку ќе вети: „Од претставници од Европа и од САД слушнав дека целта која си ја зададе Кина може да се подобри. Слушнав од претставниците од Европа и од Кина дека целта САД што ја поставуваат, може да се унапреди.“
Де Боер додава дека африканските земји и другите помалку развиени држави велат дека ниту една зададена цел за намалување на емисијата на издувни гасови не е доволно добра за нив.
Во меѓувреме во Вашингтон, американската Агенција за заштита на животната средина објави дека емисијата на штетни гасови е закана и по јавното здравјето и по животната средина. Ваквиот потег го отвара патот за Агенцијата да ја регулира емисијата на издувни гасови, ако Конгресот не го стори тоа.
Во Копенхаген, објавата на американската Агенција за заштита на животната средина беше прифатена како позитивен чекор. Дејмон Моглен е директор во кампањата за глобално затоплување во Гринпис. За Гласот на Америка тој рече дека мора да уследи силна акција.
„Ова е важен чекор, но потребно е итно, агресивно, регулирање на емисијата на издувни гасови од страна на Агенцијата“ истакна Моглен.
Моглен предупреди дека најавата од американската Агенција носи ризик да биде сфатена како политички гест доколку САД не обезбедат повисоко намалувањето на емисијата на издувни гасови за предлозите кои се маса. Тој се залага претседателот Обама да преземе јасно водство по прашањето на климатски промени кога ќе се приклучи на самитот следната недела.