Линкови за пристапност

Бан Ки Мун оптимист за можен договор во Копенхаген


Генералниот секретар на ОН вели дека е „оптимист“ околу можноста на Конференцијата во Копенхаген да се постигне договор за климатски промени, со конкретни предлози за клучни елементи кои итно би стапиле на сила.

Бан Ки Мун најави дека наредната недела планира да отпатува за Копенхаген и ќе отвори сегмент на високо ниво што би привлекол преку 100 шефови на држави и влади.

„Охрабрен сум и оптимист сум. Очекувам крупен договор од самитот во данскиот главен град, што итно би стапил на сила и ќе вклучува конкретни препораки за намалување на штетните гасови, адаптација, финансии и технолошки услуги. Овој договор би имал итен оперативен ефект“, изјави првиот човек на Светската организација.

Научниците предупредуваат дека доколку не биде постигнат договор за намалување на штетните гасови во атмосферата, глобалните температури и натаму ќе растат, со катастрофални последици, екстремни вонредни состојби, поголема суша и болести, како и изумирање на растителниот и животинскиот свет.

Сепак скептиците на оваа тема веднаш ја споменаа неодамнешната кражба на илјадници приватни електронски пораки од комјутерски сервери во Британскиот центар за истражување на климатските промени, за да го доведат под сомневање прашањето за тоа дали глобалното затоплување е навистина толку сериозно како што се претставува. Бан Ки Мун го отфрли скандалот велејќи дека не мисли дека ќе влијае на разговорите во Копенхаген.

„Ништо што досега се појави во јавноста како резултат на овој скандал, не ја доведе во прашање основната научна порака за климатски промени, а таа порака е мошне јасна – климатските промени се случуваат многу, многу побрзо одошто мислиме, а ние, луѓето, сме главните причинители“, рече Бан Ки Мун.

Тој додаде дека е охрабрен што преговорите во Копенхаген се одвиваат добро и рече дека се надева на самитот да се постигнат целите како намалување на испуштањето на штетни гасови од страна на развиените земји и нивната определба за финансиска поддршка на земјите во развој да одат во иста насока.

XS
SM
MD
LG