Линкови за пристапност

Десетици милиони лица излекувани од туберкулоза


Нови податоци покажуваат дека едноставен и евтин приод во борбата против туберкулозата што го практикува Светската здравствена организација, функционира.

ДОТС, или Стратегија за запирање на туберкулозата, е лансирана во 1994-та година и оттогаш СЗО вели дека бројот на лица излечени од болеста постојано се зголемувал. Како резултат, спасени се милиони животи.

Во 2008, организацијата објави извештај во кој се наведува дека од туберкулоза биле излечени 2,3 милиони лица или 87 проценти од третираните случаи, што го надминува процентот на позитивниот тренд од 85 проценти од 1991-ва година.

Координаторот на Програмата за борба против туберкулозата при СЗО, Пол Нун, вели дека е постигнат напредок и во обрнувањето на внимание на смртоносната комбинација меѓу туберкулозата и вирусот ХИВ. Минатата година, вели тој, 1,5 милиони пациенти болни од туберкулоза, биле и ХИВ позитивни, што е зголемување од 200.000 случаи.

Како последица од испитувањата, вели овој експерт, на многу пациенти со туберколоза и носители на ХИВ вирусот, им е овозможен соодветен третман за смртносната болест, со што многу животи се продолжени и спасени.

„Тоа се добрите вести, 15-годишното инвестирање дава видливи резултати, а ова е последица од соработката меѓу националните програми, особено СЗО, Програмата за борба против СИДА-та при ОН, Глобалниот фонд и други партнери. Лошата вест е што од туберкулоза и натаму годишно имаме 1,8 милиони смртни случаи. Половина милион од нив се поврзани со вирусот ХИВ“, вели Нун.

Овој експерт додава дека епидемијата на туберкулоза е далеку од завршена и е дополнително искомлицирана од форми на болеста отпорни на вообичаено употребуваните лекови.

Нун вели дека релативно голем број пациенти кои не добиле соодветен третман за туберкулоза, само ја разгоруваат епидемијата.

Друг проблем се парите. СЗО вели дека на нејзината Програма за борба против туберкулоза и` се потребни две милијарди долари за да обезбеди соодветна грижа и контрола на болеста во 2010 година. Организацијата предупредува дека недостигот на средства за многу пациенти ќе биде клучниот фактор што ќе одреди дали ќе живеат.

XS
SM
MD
LG