Линкови за пристапност

Обама и Ердоган разговарале за Авганистан и за Иран


Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во рамки на официјална посета на Вашингтон во понеделникот во Белата куќа, се сретна со претседателот Обама. Обајцата лидери за време на разговорите се фокусираа на позитивното.

Обама и` се заблагодарил на Турција за нејзините напори во Авганистан. Турција е на чело на мировните сили на НАТО во Кабул. Турција е единствената земја со доминантно муслиманско население, која соработува со американските сили во Авганистан. Нејзините трупи не се ангажирани во воени активности, туку во обука на авганистанската армија.

Пред да отпатува за Вашингтон, Ердоган стави јасно на знаење дека според него, бројот на турските сили во Авганистан е доволен. Обама, во меѓувреме, ги повика американските сојузници да обезбедат засилување со војници, но при кусата средба со новинарите, тој не спомена дека тоа го побарал и од Турција.

Претседателот Обама ги издвои напорите на Анкара за нејзино поголемо влијание во регионот. Тој конкретно зборуваше за иранската нуклеарна програма и за улогата на Турција во обидите да го убеди Техеран да ги почитува меѓународните правила и норми.

Турција и Иран се големи трговски партнери. Премиерот Ердоган најави дека Турција е подготвена за медијаторска улога во спорот. Тој за новинарите во Белата куќа изјави дека неговата земја ќе направи се` што е во нејзина моќ, за да изнајде дипломатско решение во однос на Иран.

Претседателот Обама и премиерот Ердоган средбата ја искористија и да ја повторат заедничката определба за борбата против тероризмот.

XS
SM
MD
LG