Свинскиот грип одзеде уште два живота. Во последните 24 часа, на Клиниката за инфективни болести починаа двајца пациенти како резултат на масивна бронхопневмонија и со потврдена инфлуенца, со што во Македонија досега се регистрирани девет смртни случаи од пандемискиот грип. Просечната старост на досега починатите заболени во Македонија е - 39 години.
Според податоците од Министерството за здравство, првиот починат пациент (роден во 1974-та) бил хоспитализиран на Клиниката на 5-ти декември во тешка општа состојба и веднаш бил поставен на респиратор. По само два дена, неговата здравствена состојба се влошила и во понеделникот на полноќ била констатирана смрт.
Вториот починат пациент (роден 1982-ра) бил примен во изразито тешка општа состојба и иако веднаш бил ставен на кислородна поддршка, дошло до нагло влошување на здравствената состојба, по што починал.
Во последното деноноќие, на Клиниката за инфективни болести во Скопје биле хоспитализирани уште 13 нови пациенти со симптоми на инфлуенца А Х1Н1, а на Инфективното одделение во Воената болница еден нов пациент. Според официјалното соопштение, сите новопримени се во стабилна состојба, освен еден кому му е овозможена континуирана поддршка со кислород.
Во Македонија во моментов болнички се третираат 112 заболени на Клиниката за инфективни болести и 42 во Воената болница, а на Клиниката за детски болести се лекуваат 56 деца на возраст од шест месеци до пет години. Во последните 24 часа се хоспитализирани 15 нови деца пациенти.